Meno io, più noi
Meno io, più noi
„Помалку јас, повеќе ние“: е мотото кое ја обележа новата сезона на Фенди. Преку облеката и модните додатоци беше пренесена пораката на сестринството и заедништвото. А посебен акцент на целата колекција даде и соработка со уметниците SAGG Napoli и Mirella Bentivoglio.
На ревијата на Фенди за есен/зима 2026–2027, што се одржа за време на Неделата на модата во Милано, чантите се во центарот на вниманието. И за прв пат како креативен директор на римската модна куќа, Марија Грација Киури ја нагласува темата на сестринството и заедницата.
На пистата на ревијата на Фенди есен/зима 2026–2027, првата под креативно водство на Марија Грација Киури, пораката ја отелотворува суштината на колекцијата: „Помалку јас, повеќе ние“. Мото на сестринство и заедница што го отсликува методот на работа на Киури и им оддава почит на петте сестри, ќерки на основачите на куќата: Паола, Ана, Франка, Карла и Алда.
Оваа порака е изразена првенствено преку додаток: шал со натпис „5 СЕСТРИ“, дизајниран во стилот на шаловите од спортските навивачи, каде што чувството на единство сè уште е силно и моќно. Иако мал елемент, сепак значаен и движечки за целата колекција.
Она по што Фенди е добро познат се модните додатоци, поточно чантите кои се најдоа во центарот на вниманието. А и по тој повод има и што да се види: од реинтерпретации на чантата Baguette – меки или цврсти, со животински принтови или украсени со скапоцени камења – до новите чанти со лого. Други, пак, имаат многу повеќе рок-инспириран изглед, дефиниран со кожа, реси и многу видливи патенти. Некои од овие чанти се покриени со крзнени навлаки, традиционално користени особено во постудените региони како заштита од мраз и влажност, изолирајќи деликатни материјали како кожа. Изборот е огромен и задоволителен за повеќе стилови и вкусови.
Можеби нам најголем впечаток ни остави оддавањето почит кон стилот и работата на Карл Лагерфелд кој долго време го водеше брендот и остави длабок печат. Добро структурираните јаки на кошулите, едноставните црно-бели костум комбинации и андрогениот изглед на моделите алудираат токму на работата на Лагерфелд, а сандалите со отворени прсти и чорапите се само дополнителен доказ за тоа колку Марија ја почитува неговата работа.
Употребата на чипка не изостана бидејќи тоа е и заштитен знак на Марија Грација Киури. Со тоа дизајнерката се обидува да остави свој печат врз брендот и ние ја поддржуваме во истото, затоа што како што изјавуваат од самата модна куќа, облеката треба да биде во функција на телото.
Целата колекција гласно говори и праќа порака за заедничко функционирање и токму поради тоа мотото „Помалку јас, повеќе ние“ е видливо во секој шав од облеката.











