Уникатни модни додатоци
Уникатни модни додатоци
Кога ќе се спојат две позитивни енергии, двајца на кои само небото им е граница, се добиваат производи кои зрачат со убавина и креативност и ентузијазмот за работа никогаш не престанува.
Таква е приказната на овие двајца креативци желни да го освојат светот, Валентин Петрески од Студио Тиноски и Бојана Атанасова од Магнет.
Идеите им се раѓаат без проблем, а производите кои рачно ги изработуваат се приказна за себе. Започнуваат скромно со неколку примероци на чанти, за кои самите велат „само да пробаме". Таа нивна проба наидува на „овации од публиката", луѓето се воодушевени од креативноста и тоа дека за прв пат се среќаваат со таков тип на производ (чанта) кој носи некаква порака на кирилица и започнуваат да бараат повеќе и повеќе. Секој нареден пат се дизајнираат нови модели, нови креативни пораки и асортиманот полека но сигурно се проширува.
Ова се чанти за урбани девојки, за тие кои се силни и свои, единствени, за тие кои уживаат во пиењето кафе со пријателките, за девојки и жени кои храбро чекорат по својот пат.
Неодамна за прв пат во продажба пуштаат и марами со уникатен дизајн, кои оваа сезона се еден од главните трендови за модни додатоци, но за тоа подетално во наредна објава, а Вие не заборавајте да си купите уште од сега за да ја дочекате пролетта спремни и модерни.
Ги запрашавме Бојана и Тино што следно да очекуваме од нив, а тие ни одговорија дека пролетната колекција ќе биде едно сосем поинакво доживување и дека нема да останеме рамнодушни на новините кои ни доаѓаат.
Едвај чекаме да ги видиме нивните нови креативни идеи и дизајни, затоа што секој пат кога ќе ги посетиме нивните продавници во Скопје и Струмица излегуваме со насмевка и добро расположение. А кој не може да дотрае, посетете ја веб-страната на Тиноски или нивните инстаграм профили.






